Skip to main content
Економија

Ангеловска-Бежоска: Девизните резерви растат и се повисоки во споредба со периодот пред пандемијата

08/02/2025  09:36

Нивото на девизните резерви на крајот на минатата година достигна пет милијарди евра и тие се повисоки за околу 50% во однос на претпандемичниот период. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг” на „Слободна ТВ”, посочува дека девизните резерви се најважниот фактор за одржување на стабилноста на домашната валута и дека во изминатиот период, и покрај кризите, тие речиси непрекинато растеа, како гаранција за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Гувернерката посочува и дека несомнено странските директни инвестиции имаат позитивен придонес кон порастот на девизните резерви. „Во претпандемичниот период, странските директни инвестиции изнесуваа околу 3,5% од БДП, во просек, по забавувањето во текот на пандемијата следеше процес на постепено закрепнување, а минатата година во првите три квартали достигнаа 5% од БДП, што е солидно ниво според историските параметри”, истакна Ангеловска-Бежоска. Таа истакна дека странските директни инвестиции не се важни само за порастот на девизниот потенцијал во нашата економија, туку поопшто за инвестицискиот циклус и за побрз раст и зголемување на нивото на доходот, којшто кај нас за жал сѐ уште е низок.

Ангеловска-Бежоска истакна дека за остварување повисок економски раст особено е важна и солидната кредитна поддршка за граѓаните и компаниите од страна на банкарскиот сектор, чијашто стабилност и капацитет за кредитирање се зајакнати и покрај кризниот период, а адекватноста на капиталот е највисока во последниве две декади. Ова се должи меѓу другото и на мерките коишто ги преземаше централната банка. Гувернерката посочи дека важна улога за зголемувањето на инвестициите има и растот на зеленото кредитирање коешто во изминативе години се удвои од 2,2% на 4,4%.