Skip to main content
Македонија

Ангелов: Сѐ уште активен пожарот кај прилепското село Чаниште, не загрозува некое село

19/08/2026  15:39

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов преку видео изјава истакна дека сѐ уште е активен пожарот кај прилепското село Чаниште. Тој не очекува пожарот да го загрози ова или некое друго село.

-Пожарот којшто во понеделник попладне изби во атарот на прилепското село Чаниште во прилепскиот дел од Мариово, сѐ уште е активен, но во овој момент не го загрозува селото Чаниште, ниту пак загрозува друго село, затоа што пред селото Крушевица, коешто е наредно село позади мене, е поставена добра одбрана и не очекувам дека воопшто огнот ќе стигне до ова село, но и во случај доколку дојде, истиот ќе биде сопрен затоа што во текот на ноќта го пресековме неколку пати. Во овој момент нема активен крак којшто се движи кон селото Крушевица, што не значи дека состојбата нема да се смени – вели директорот на ДЗС.

Посочува дека во битолското село Орле има еден крак со кој се борат битолските пожарникари и ангажиран е тежок булдожер кој прави противпожарен пресек.

-Од оваа страна, од страната на Чаниште и Крушевица, работат прилепските пожарникари со поддршка на специјалните тимови на Дирекцијата — огнените тимови со четири пинцгауери, како и повеќе тимови на Дирекцијата составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница коишто исто така дадоа извонредни резултати. Голем дел од краците се испресечени. Ако линијата беше можеби повеќе од 20 километри, сега таа е прекината. Како што може да се види зад мене, имаме на едно место столб, на друго место, но немаме непрекината линија на горење. Голема работа ни заврши полицискиот хеликоптер којшто помогна да изгасиме дел од сртот каде што не успеавме да поминеме со пинцгауерите, така што генерално состојбата е стабилна, што не значи дека не може да се влоши во било кој момент – нагласи тој.

Ангелов посочи дека Дирекцијата има контрола од аспект на загрозеност на населените места.

-Одбранивме неколку манастири, неколку трла, еден пчеларник, но не успеваме насекаде да стасаме. Во селото зад мене не е изгорена ниту една куќа во која живеат луѓе. Огнот зафати повеќе стари и напуштени куќи, можеби пред 50 или пред 30 години. Проверуваме дали е изгорена куќа којашто некој ја користел повремено, во смисла како викендица. Но, дополнително ќе ги добиеме тие информации. Овде беше и градоначалникот на Општина Прилеп. Доколку на локалното население му е потребна поддршка, општината стои на располагање. Воедно, општината дава логистика на сите сили коишто учествуваат во гаснењето на овој пожар – вели тој.

Ангелов информира дека трите ер-трактори на Дирекцијата дејствуваат и верува дека ќе прекинат една линија на огнот. Посочи дека гаснењето на пожарот продолжува и во текот на утрешниот ден со примарна цел целосна одбрана на сите населени места.

Апелира сопствениците на куќи и викендици во полунапуштените села задржително да ги изораат или ископаат дворовите за да создадат земјен заштитен појас без вегетација, бидејќи земјата не гори.