Skip to main content
Македонија

Андоновски: Ова фрла дамка на ДКСК, се надевам дека останатите членови успешно ќе продолжат да работат

26/04/2025  17:50

Ова фрла дамка на институцијата и се надевам дека останатите членови на ДКСК, кои не се никако засегнати од овој случај, ќе успеат да излезат од таквата ситуација, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски коментирајќи ги случувањата во Антикорупциската комисија откако Обвинителството завчера ја осомничи претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска, за  оддавање службени тајни во случајот „Адитив“ и ѝ забрани контакт со предмети на ДКСК.

-Изразувам искрено жалење за ситуација што никој од нас не ја очекувал, сметам дека е непримерно таквото однесување. Почитувајќи ја пресумпцијата на невиност, се надевам дека ќе биде дадено некакво објаснување и сметам дека додека не заврши постапката во Обвинителството, а потоа и во судот, би било непримерно да продолжи да функционира тоа лице  на таа позиција што ја има, рече Андоновски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција на која промовираше нови е-услуги за граѓаните.

Нагласи дека ситуацијата во ДКСК „не треба да значи рушење на кредибилитетот на институцијата затоа што станува збор за еден член, макар бил и претседател на Комисијата“.

-Се надевам дека ДКСК со успех ќе продолжи да си ја врши својата работа. Има три многу големи надлежности – судир на интереси и спречување корупција, проверка на законите, но и работа по Стратегијата за спречување на корупцијата. Се надевам дека членовите ќе смогнат сили да продолжат со работа, впрочем нешто што го најавија и вчера. Ова фрла дамка на институцијата и се надевам дека ќе успеат останатите членови, кои не се никако засегнати од овој случај, да излезат од таквата ситуација. Соработката досега со Антикорупциската комисија ни е позитивна и сме излегле во пресрет секогаш кога тоа било побарано од нас како Министерство. Можам само да се надевам дека ниту една политичка партија нема да го злоупотреби овој момент на, би рекол, лична слабост и недостатоци во работењето на еден човек, а не на целата институција, истакна министерот.

Андоновски смета дека „не постои можност да се парализира“ работењето на ДКСК, со оглед на некои барања за разрешување на целиот состав на Комисијата.