Skip to main content
Свет

Амбасадите на САД во неколку земји од Блискиот Исток ги повикаа американските граѓани да бидат подготвени да го напуштат регионот

01/08/2026  18:23

Амбасадите на САД во неколку земји од Блискиот Исток ги предупредија американските граѓани за можна ескалација на регионалниот конфликт и ги повикаа да бидат подготвени да го напуштат регионот.

„Американските граѓани кои во моментов се наоѓаат во регионот треба да почнат да размислуваат или да се подготвуваат да го напуштат Блискиот Исток во случај на ескалација“, се вели во предупредувачкото соопштение објавено на социјалните мрежи од страна на амбасадите на САД во Јордан, Израел и Ирак.

Предупредувачката порака ги повикува американските граѓани да ги проверат најновите информации за нивните летови и да ги следат упатствата за безбедност на локалните власти.

„Американците кои се наоѓаат на Блискиот Исток треба да бидат внимателни и да покажат особена будност, како и да се подготват за можно откажување на летови, периодично затворање на воздушниот простор на соодветните држави и можни пречки при патувањата“, се наведува во соопштението.

Американските граѓани во Јордан беа повикани да го избегнуваат реонот околу американските воени бази, кои неодамна беа цел на ирански ракетни напади. Во Израел им беше укажано да го пронајдат најблиското засолниште за противвоздушна одбрана.

„Иранскиот режим е непредвидлив, што стана јасно од неговите најнови одлуки да напаѓа делови од регионот без предупредување или провокација. Тој исто така ги прошири своите напади и во други области (како на пример Египет), кои претходно не беа цел на напади“, соопшти амбасадата на САД во Ерусалим.