Skip to main content
Македонија

Алиу: Не сум во политиката за функција, туку за да менувам работи

26/06/2026  13:13

Министерот за здравство Азир Алиу порача дека неговиот политички ангажман не е поврзан со функцијата што моментално ја извршува, туку со желбата да придонесе за позитивни промени во општеството и подобар живот за граѓаните.

Тој нагласи дека ќе продолжи да работи и да придонесува во јавниот живот, без разлика дали во иднина ќе биде министер, професор или експерт.

„Дали мојот придонес ќе биде како министер, како експерт или како професор – не знам. Но, имам обврска кон луѓето кои веруваат во мене и нема да застанам тука, без разлика дали сум или не сум министер за здравство“, изјави Алиу.

Министерот потсети дека во политиката активно се вклучил во 2017 година, првично со намера да помогне во политичките процеси, но дека денес неговата мотивација е многу поинаква.

„Денес, од оваа перспектива, после девет години активно учество во политиката, јас сум во политиката за да променам нешто во општеството, а не само да давам поддршка. Веќе имам политичко искуство и сметам дека можам да придонесам со конкретни промени“, рече Алиу.

Тој истакна дека функциите не зависат секогаш од поединецот, но дека вредностите, интегритетот и политичката посветеност се нешто што секој сам го создава и гради.

„Можеби функциите не зависат од мене, но политичката активност што ја имам и вредностите што ги носам зависат од мене. Тоа никој не може ниту да ми го даде, ниту да ми го одземе. Ќе продолжам да придонесувам за ова општество на начин на кој ќе ми биде овозможено“, порача министерот за здравство.

Со овие пораки, Алиу испрати сигнал дека неговиот јавен ангажман ќе продолжи и во иднина, независно од тоа на која позиција ќе се наоѓа.