
Министерството за здравство проверува можни злоупотреби поврзани со листите на чекање за операции, соопшти на денешниот брифинг министерот за здравство Азир Алиу.
– За листа на чекање – сѐ уште сме во фаза на анализа. Имаме сознанија од пациенти, граѓани, но не можам ништо да кажам јавно бидејќи тоа не ни е доволно. Има примери кога пациент, кој треба да се оперира, се враќа назад бидејќи крвната слика не е доволно добра за да може да се оперира. Пациентот прави крвна слика во друга лабораторија, излегува дека сѐ е во ред, но мора да ги анализираме и да работиме да го детектираме таковиот тип на можни злоупотреби, како тие со листите на чекање. Исто така, листата на чекање се чисти, имаме пациенти, кои, за жал, веќе не се помеѓу нас и тие треба да се чистат, но тоа не можеме ние како Министерство, туку заедно со здравствените установи. Затоа имаме и наши вработени на терен кои учествуваат во ажурирањето – соопшти Алиу.
Од февруари годинава во функција е електронскиот систем за следење на листите на чекање за операции, преку кој пациентите можат да го следат својот статус, а здравствените установи имаат обврска редовно да ги ажурираат податоците.
Алиу информираше и дека системот за евиденција на присуство преку отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство и во неколку клиники во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со цел подобра контрола на работното време и присуството на здравствениот персонал.
Во врска со пренасочувањето на пациенти од јавното во приватното здравство, Алиу рече дека станува збор за проблем што треба да се решава административно. Тој потсети дека веќе е воведена јавна достапност на листите на чекање, а следниот чекор ќе биде анализа за тоа колку пациенти од јавните здравствени установи завршуваат во приватниот сектор.


