
Фондацијата „Фросина Кулакова” со особена чест и радост информира дека добитник на стипендијата „Фросина Кулакова” за 2026 година е Ален Милковски од Куманово.
Стипендијата е основана во чест на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова, со цел нејзината љубов кон уметноста, креативноста и убавината да продолжи да живее преку поддршка на нови генерации талентирани млади автори.
Во творештвото на Ален Милковски, Комисијата препозна искреност, зрелост и длабока чувствителност – вредности што ја надминуваат уметничката форма и зборуваат за човекот зад делото. Неговата работа, која ги опфаќа цртањето, пишувањето и креативното изразување, отвора теми за ранливоста, болката, надежта и човечката сила, потсетувајќи дека уметноста не е само естетика, туку и простор за разбирање, сочувство и промена.
Посебно значење за Фондацијата има тоа што дел од неговата инспирација произлегува и од приказната на Фросина, преточена во искрена порака за поголема свест, одговорност и грижа за човечкиот живот.
Стипендијата ќе биде свечено доделена на 25 јуни, денот кога Фросина требаше да го прослави својот 24-ти роденден. Наместо роденденска прослава, овој ден повторно ќе биде ден на надеж – ден кога преку еден млад човек ќе продолжи да живее нејзината љубов кон модата, уметноста и создавањето.
Фондацијата му честита на Ален Милковски и му посакува неговиот творечки пат да продолжи со истата искреност, храброст и посветеност. Веруваме дека неговиот уметнички глас ќе продолжи да отвора важни општествени прашања и да инспирира нови генерации.
Воедно, Фондацијата изразува искрена благодарност до сите кандидати кои аплицираа на овогодинешниот конкурс. Секоја апликација носеше своја приказна, талент и визија, а изборот беше исклучително тежок. Комисијата имаше привилегија да се запознае со млади луѓе чија креативност потврдува дека иднината на македонската уметност има силна, храбра и инспиративна генерација.
Фондацијата „Фросина Кулакова” останува посветена на својата мисија – да ги поддржува младите таленти и да ја афирмира уметноста како простор каде што се раѓаат надежта, емпатијата и општествената одговорност.
Секоја доделена стипендија е повеќе од признание. Таа е доказ дека талентот, добрината и љубовта што Фросина ги носеше во себе продолжуваат да живеат – претворени во можност за нечија иднина.


