Skip to main content
Македонија

Александар пратил порака на мобилниот на Вања со надеж дека ќе го вклучат мобилниот: ,,Сè што ќе побарате ќе направиме, од родителите”

14/04/2025  11:25

Таткото на Вања Ѓорчевска, Александар, денеска одговараше на прашања на судијата. Првото прашање беше, Кога сведокот Гоце дошол кај него.

На 28, вторникот утрината – рече Ѓорчевски.

-Кога ги земавте камерите во околните објекти?

-Никој не ни даваше снимки во понеделникот затоа во вторникот почна прибирањето и газдарицата на фризерскиот салон ни даде директно да ги гледаме на мобилен, а наредниот ден ги обезбедивме и на мемори стик. Така ми беше полесно да гледаме на десктоп компјутер, сето тоа што претходно го забележавме на мобилен, можевме подобро да го разгледаме, бидејќи го гледавме на поголем монитор со поголема резолуција. Јас обезбедив снимка од самото ќоше од раскрсницата со „Орце Николов“ и „Наум Наумовски Борче“ и видов дека има камери на кафулето „Синдикат“ свртени кон раскрсницата каде што требало да помине Вања. Вработените во кафулето ме поврзаа со газдата. Тој без двоумење ми ги прати снимките кога сфати за што се работи. Зорица обезбеди камера од седиштето на „Окта“ на „Партизанска“ во средата. Јас отидов да го земам стикчето со видео записите. Во вибер-групата со родители добив снимки од штедилница „Папилон“ спроти пазарчето Буњаковец исто така во средата. Толку тие се тие четири камери – рече Ѓорчевски.

Кога сфативте дека Вања не отишла пешки, туку со возило?

-Веднаш беше јасно дека за толку кратко време не може да стаса од ресторанот „Мечос“ до „Фитнес хаус“, споредувајќи ја нејзината локација каде што последно емитува Гугл мапата, со времето на нејзиното излегување од дома, односно скршнување од вообичаената рута кон училиштето на самиот агол кај „Мечос“ – рече Ѓорчевски.

Како утврдивте од толку возила што минуваат во тој период дека баш „цитроенот“ е сомнителен?

-Според времето каде што последен пат е евидентирана, кај „Фитнес хаус“ беше 7:37 и ја даваше веќе офлајн. Зорица ми кажа дека Вања излегла во 7:23 или 7:24 минути. Откако утврдивме дека пешки не се појавува, се фокусиравме на возилата. Некое средно време кое би било потребно со возило да се стаса од фризерницата до „Фитнес хаус“ логично беше дека е меѓу 7:28 минути до кај 7:31 минути. Ги прегледувавме снимките, но фокусот беше во тие 4-5 минути. Во зависност од тоа како се пушташе семафорот на „Илинденска“, проаѓаа по 4-5 возила наеднаш. Тоа што беше сомнително кај „цитроенот“ е што за разлика од другите, се движеше бавно. Исфрлаше густ чад ауспухот што навестуваше дека е тазе запалено. Целиот беше замаглен, а хаубата му беше замрзната. Делуваше дека тргнал од непосредна локација во близина, тука негде кај зградата – одговори Ѓорчевски.

Значи возилото ви стана сомнително зашто има густ чад и замрзната хауба и се движело многу поразлично од другите возила, праша судијата.

-Сите други возила како да имаа крајна дестинација и цел, а ова се движеше како изгубено, се движеше полека за разлика од другите возила – рече Ѓорчевски.

На која апликација ја пративте пораката откако Вања беше грабната?, праша судијата.

-СМС пораки на нејзиниот мобилен телефон. Беа две пораки подоцна во денот. Веќе бевме дојдени дома и инспектори веќе почнаа да доаѓаат. Околу 1 часот попладне, 2 или 3 попладне. Страшно бевме избезумени и во конфузија. Првата порака гласеше, „Сè што ќе побарате, сè ќе направиме“, и ја пуштив пораката. Подоцна ми текна да додадам уште една порака која гласеше од родителите. Со надеж дека ќе го вклучат мобилниот телефон и пораката веднаш ќе им се појави – одговори таткото на Вања.