Skip to main content
Македонија

Албанската полиција: Лицето од ВЛЕН не беше вратено поради дипломатија, туку поради законски пречки

09/07/2026  16:04

Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, изјави дека Граничната полиција постапила целосно во согласност со законот во случајот на граничниот премин „Ќафасан“, каде едно лице од група македонски државјани не добило дозвола за влез во Албанија поради законски пречки.

На прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со двајцата пратеници и еден владин функционер од коалицијата ВЛЕН, Хита појасни дека на граничниот премин пристигнале четири лица, од кои тројца поседувале дипломатски пасоши.

„Три лица со дипломатски пасоши беа информирани дека можат да го продолжат своето патување. Другото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија“, изјави Хита.

Тој додаде дека останатите тројца, иако имале право да влезат во Албанија, одлучиле да не го продолжат патувањето и заедно се вратиле во Македонија.

Според Хита, случајот не претставува исклучок, туку е дел од редовното постапување на граничната полиција во спроведувањето на законските процедури.

Тој посочи дека во текот на 2025 година биле евидентирани 625 случаи во кои на лица не им бил дозволен влез во Албанија поради законски пречки, додека само во првата половина на оваа година се регистрирани уште 425 вакви случаи.

Генералниот директор нагласи дека Државната полиција и Граничната полиција ќе продолжат доследно да ги спроведуваат законските прописи на сите гранични премини, без исклучоци, оценувајќи дека нема причина за сомнеж во нивното професионално постапување.