Skip to main content
Балкан

Албанската опозициска ДП за лобирање ќе плати шест милиони долари на американска компанија

28/04/2025  08:19

Опозициската Демократска партија на Албанија потпиша договор за лобирање вреден шест милиони долари со американската компанија Continental Strategy, која ја водат луѓе блиски до претседателот Доналд Трамп, објавија албанските медиуми.

Договорот, кој на 4 април го потпишал генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока и Карлос Трухиљо, поранешен советник на Трамп и основач на компанијата, предвидува месечна исплата од 250.000 долари во период од две години.

“Според договорот, компанијата ќе помогне да се воспостават контакти со претставници на американската влада и Конгресот, да промовира каузи како што се борбата против корупцијата и владините реформи во согласност со американско-албанските интереси и да се вклучи во стратешки правни прашања во име на Демократската партија и коалицијата „Алијанса за величествена Албанија“”, стои во извештаите на медиумите.

Финансиски гарант на спогодбата е Нуредин Сечи, американски Албанец со потекло од северниот албански град Тропоја, кој живее во Њујорк.

Continental Strategy е основана во 2021 година од Карлос Трухиљо, откако Трамп ја напушти претседателската функција. Во своите редови вклучува значајни поединци поврзани со републиканските кампањи, како што се Алекс Гарсија и Кејти Вајлс, ќерката на Сузи Вајлс – поранешен менаџер на кампањата на Трамп.

Овој потег на ДП се гледа како обид да ги зацврсти врските со републиканската администрација и да изврши влијание врз чувствителните теми за партијата, вклучувајќи го и статусот „нон грата“ на нејзиниот лидер Сали Бериша. Меѓу првите активности на фирмата беше комуникацијата со шефот на кабинетот на сенаторот Марко Рубио, клучна фигура во американската надворешна политика.