Skip to main content
Балкан

Албанската опозиција попладенво одржа протест против Еди Рама

17/11/2025  21:49

Под мотото „Протестирам, за семејството, за економијата, за демократијата” албанската опозиција вечерва го одржа првиот, од серијата најавени протести, секој понеделник, за “уривање на нарко режимот”.

Протестот се одржа пред владата, во чие обезбедување беа ангажирани голем број полициски службеници а вратите на  објектот беа заштитени со метални решетки.

Прв говорник, пред поголем број присутни беше лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, кој не поштеди зборови на осуда кон владата и премиерот Еди Рама.

-Денеска сме пред зградата на државниот криминал насочен против албанската држава. Пред зградата на човечкиот криминал врз Албанците, кој ги протера од Албанија во годините на власт, повеќе од кој било дивјачки освојувач во целата национална историја, обвини Бериша алудирајќи на премиерот Еди Рама.

Според него, за време на владеењето на Рама земјата била вратена 100 години назад и оти на парламентарните избори, кои биле фарса, гласовите се купувале со евра стекнати од дрога.

-Граѓаните се соочија со сите финансиски, човечки и сеопфатни ресурси на мафијашката држава, на нарко-државата. Нема недела што го претставува или прикажува појасно омразеното лице на албанската нарко-држава,  рече Бериша

Денешниот протест, додаде тој, е „парламентарно-граѓанска говорница“ од која се бара “оставка од премиерот, како чекор кон создавање техничка влада и одржување слободни избори“.

Бериша се задржа и на  неодамна усвоениот закон за родова еднаквост велејќи дека  албанското семејство ќе остане најсветата институција на секој Албанец и дека ДП никогаш нема да го прифати овој срамен закон. 

-Не заборавајте дека Парламентот со молскавична брзина го гласаше законот на Џорџ Сорос, законот за уништување на традиционалното албанско  семејство.  Законот со кој претседателот Доналд Трамп се соочи со 35 обвиненија и беше казнет со стотици милиони евра. Тој закон беше изгласан од Парламентот. Албанците нема да го прифатат тој закон, порача Бериша.

На шпротестот зборуваа и неколку пратеници од ДП кои рекоа дека “набрзо во затворската ќелија на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, ќе му се придружат премиерот Рама и вицепремиерката Белинда Балуку која е под истрага од СПАК”. 

Протестот мина мирно, но иако беше најавено дека ќе трае два часа заврши половина час порано, со многу помала присутност споредено со поранешните протести на опозицијата.