
– Ако сакаме да бидеме сериозна држава треба да имаме соодветно летало, односно соодветен владин авион и не треба да се симнуваме на ниво соседните држави да не собираат со нивните авиони кога треба некаде да одиме со заеднички делегации, смета директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски.
-Лирџетот со кој сега располагаме не ги исполнува потребите на државата и има многу трошоци за негово сервисирање, бидејќи веќе не се произведуваат резервни делови. Затоа користиме репарирани делови и од 2017 година до денеска по основ на сервиси се потрошени околу четири милиони евра што не би бил случај за нов авион. Кога би оделе на некои подолги патувања би ни требал поголем авион со најмалку 14 седишта за разлика од овој што има шест. Со еден збор Лирџетот е премал, рече Томовски во интервју за ТВ Канал 5.
Нагласи дека поранешната влада сакала да набави нов авион и биле во напредна фаза на преговарање со различни компании кои произведуваат авиони, но тоа го криеле од јавноста.
-Ние се одлучивме да искомуницираме со јавноста и сметам дека јавноста треба да биде запознаена што планираме. На крајот на краиштата авионот не останува за директорот или за премиерот, туку останува за државата. Ќе гледаме да предвидиме средства за набавка на авион со новиот буџет бидејќи овој не го дозволува тоа. Би сакале да допреговараме со јавноста, да собереме и понуди за лизинг на авион, да купиме нов или половен. Сите опции ќе ги извадиме на маса за да видиме што е најдобро и најекономично, посочи Томовски и додаде дека набавката на нов владин авион би чинела од 20 до 50 милиони евра.
Ако сакаме да бидеме сериозна држава треба да имаме соодветно летало, односно соодветен владин авион и не треба да се симнуваме на ниво соседните држави да не собираат со нивните авиони кога се враќаме.
Во државна сопственост, како што кажа, има околу 7.000 возила во кои влегуваат возилата на владата и министерствата, општинските возила, возилата на јавните претпријатија,…
-Веќе избравме боја – црвено со жолто на табличките за означување на државните возила, изработивме правилник, но процесот е закочен бидејќи е потребен тендер за набавка на боја за нивна изработка. Тендерот е во завршна фаза, а откако ќе се надмине проблемот и ќе почне изработката во рок од 30 дена сите државни институции ќе треба да ги заменат таблиците, рече Томовски.
Тоа, како што кажа, ќе биде за многу скоро време.
Томовски, кој е и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека до крајот на мај министерот за здравство Арбен Таравари треба да одлучи дали ќе остане во Владата или ќе излезе.
-Треба да се договори со ВРЕДИ што ќе прави. Ако одлучи да излезе од Влада ќе има внатрешни превирања во партијата на Таравари. Доколку ја напушти Владата ќе му падне рејтингот, а ќе порасне на другите тројца лидери на ВРЕДИ, рече Томовски и нагласи дека во никој случај нема да му дадат поддршка на локалните избори ако излезе од Владата.
Прашан дали ќе има предвремени парламентарни избори заедно со локалните, рече дека времето ќе го покаже тоа.
-Дали ќе има предвремени парламентарни избори или не ќе оставиме на времето да покаже. Локалните избори ќе бидат показател дали треба да има предвремени избори или не, но сепак ќе оставиме да видиме што ќе се случува со коалицијата, истакна Томовски.