Skip to main content
Македонија

Ако има пропусти ќе има одговорност, рече Таравари за пациентот кој почина чекајќи операција на Кардиохирургија

15/04/2025  09:21

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти во случајот со смртта на пациентот Тони Ангеловски, кој со пукната аорта почина чекајќи операција на Клиниката за кардиохирургија.

Таравари рече дека се уште го нема видено извештајот.

„Ќе го видам извештајот. Ќе треба да има веднаш и стручна комисија. Според моите информации, едната сала работела. Но дајте ми време да го видам извештајот“, рече Таравари.

Семејството на 59-годишниот Ангелковски претходно обвини дека тој не бил опериран бидејќи од клиниката им кажале дека нема слободни сали. Ги препратиле до приватни болници каде им било кажано дека квотата била исполнета до јуни. И покрај тоа ги повикале да го донесат пациентот, да го стабилизираат но бидејќи немале дел кој им е потребен, не можело веднаш да се изврши процедурата.

Од клиниката за кардиохирургија велат дека пациентот веднаш бил згрижен, ја примил потребната терапија, по што состојбата му се стабилизирала. Откако биле разгледани сите наоди, лекарскиот конзилиум утврдил дека ако се изврши отворен хируршки третман, шансите за преживување на пациентот би биле екстремно мали, што му било и објаснето на семејството. Од тука потврдија дека втората сала е надвор од функција повеќе од еден месец заради поставување на нов апарат кој бара и реадаптација на просторот.

Препорачани биле две приватни болници како и лекување во странство.