Skip to main content
Македонија

Акција на Скопска Црна Гора: Конфискувани десетици кубни метри нелегални дрва кај Брест и Малино

18/04/2026  22:33

Во заедничка акција на службите на Национални шуми, Шумска полиција Скопје и Гранична полиција РЦ Север, денеска се врши конфискација на неколку десетици кубни метри дрва на подрачјето на Скопска Црна Гора, во близина на селата Брест и Малино.

Ова преку објава на социјалните мрежи го соопшти заменик-директорот на Национални шуми, Кире Михаилов, посочувајќи дека по претходни оперативни сознанија и проверки од страна на Граничната полиција е откриена дрвна маса за која не е утврдено дека потекнува од легална сеча со соодветна документација.

Според него, вакви случаи во овој пограничен регион не се првпат детектирани, но институциите ќе продолжат со засилени контроли и во наредниот период.

„Не постои педа на која ќе дозволиме вакви нелегални активности. Истите ќе бидат соодветно санкционирани без разлика дали се на истокот, западот, северот или југот на Македонија“, порача Михаилов.

Тој додаде дека дрвата во најкус рок ќе бидат пренесени во складовите во Скопје, а против инволвираните лица веднаш ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Од Национални шуми нагласуваат дека остануваат на ставот за нулта толеранција кон криминалот и корупцијата, особено кога станува збор за заштита на шумските ресурси.