Skip to main content
Спорт

АИПС го осуди однесувањето на новинарите по хаотичното африканско финале

20/01/2026  19:17

Меѓународното здружение на спортски новинари (АИПС) денеска го осуди однесувањето на дел од новинарите по хаотичното финале на Африканскиот куп на нации во неделата во кое Сенегал го победи домаќинот Мароко.

Видеоснимките покажуваат како марокански новинари ја напуштаат салата за прес конференции по влегувањето на сенегалскиот селектор Папе Буна Тиав, држејќи ја за рака својата ќерка, по што избувнаа кавги и судири меѓу мароканските и сенегалските новинари, а продолжија и откако Тиав ја напушти прес-конференцијата, која воопшто и не се одржа.

Сенегал ги победи домаќините со 1-0, но спектаклот беше засенет од хаотични сцени додека Тиав им нареди на своите играчи да го напуштат теренот во знак на протест поради пеналот досуден за Мароко.

– Извршниот комитет на АИПС остро го осудува однесувањето на колегите кои ја спречија прес-конференцијата да се одржи во неделата по финалниот натпревар на Африканскиот куп на нации меѓу Мароко и Сенегал во Рабат“, соопшти организацијата.

– Нашето здружение не може да прифати дека одредени колеги би можеле да го нарушат достоинството на нашата професија, затоа ги замоливме нашите колеги од АИПС Африка за детален извештај во врска со инцидентот“, се нагласува во соопштението.