Skip to main content
Свет

Агент на американската имиграциска служба застрела маж во Мејн, случајот предизвика нови критики кон Агенцијата

14/07/2026  15:50

Агент на американската Агенција за имиграциска контрола (ICE) застрелал маж, за кого организациите за човекови права тврдат дека бил 26-годишен државјанин на Колумбија. Случајот дополнително го зголеми незадоволството во јавноста кон Агенцијата задолжена за спроведување на строгата имиграциска политика на претседателот Доналд Трамп.

Сенаторот од Мејн, Ангус Кинг, првично пред новинарите изјави дека, според информациите добиени од министерката за внатрешна безбедност Маркејн Мулин, жртвата било лицe по кое била покрената потерница со налог за апсење, поради неуреден имиграциски статус. Подоцна, сенаторот ја повлече таа изјава.

„Човекот кој беше убиен не е лицето кое тие го барале“, изјави Кинг за телевизијата „Си-Ен-Ен“, откако добил дополнителни информации од властите. Тој повика на „целосна, транспарентна и отворена истрага“. Според него, службениците кои учествувале во инцидентот немале камери поставени на униформите.

Претходно Обвинителството на сојузната држава Мејн соопшти дека „лицето кое било цел на операцијата се обидело да избега со автомобил, насочувајќи се кон агент на службата“, по што агентот отворил оган. Од обвинителството додадоа дека службеникот ќе биде ставен на административно отсуство, согласно воспоставената процедура.