Skip to main content
Македонија

Од октомври до денес АХВ уништи десетици тони небезбедна храна – дали е безбедно она што завршува на нашите трпези?

23/11/2025  14:36

Од октомври до денес, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) води една од најинтензивните инспекциски офанзиви во последните години. Резултатите се алармантни небезбедна храна се продавала во маркети, ресторани, месарници, магацини, па дури и во објекти што се наоѓаат веднаш до училиштата, каде секојдневно јадат деца.

Во овој период АХВ заплени и уништи повеќе од 60 тони небезбедна храна од јаткасти плодови со истечен рок, преку месо и пилешки производи со несоодветни услови, до помфрит од 20,5 тони со поминат рок кој требаше да заврши на македонскиот пазар.
Фатена е и храна во рефус, без декларации и без потекло – вклучително и ореви и кикирики што биле превезувани нелегално во камион.

Во контроли кај продавници и угостителски објекти – особено оние блиску до основните и средните училишта инспекторите открија сериозни пропусти:
• 19 оператори продавале небезбедна храна,
• 30 имале незадоволителна хигиена,
• 26 работеле без регистрација,
• 32 немаат направено здравствен преглед на вработените,
• 7 објекти не ги исполнувале основните технички услови,
• а во неколку случаи воопшто немало спроведена дезинсекција и дератизација.

Поради сите утврдени прекршувања, изречени се над 80 парични казни во вредност од повеќе од 45.000 евра, додека дел од објектите добија и забрана за работа.

АХВ спроведе и надзори во училишните и кујните во градинките. Иако најголем дел од нив ги исполнуваат стандардите, сепак се пронајдени случаи на лоша хигиена, погрешно декларирана храна и неспроведени здравствени прегледи на персоналот. Дел од храната е уништена.

Дали храната на нашите трпези е безбедна?

Серијата контроли ја отвора клучната дилема: дали храната што секојдневно ја јадеме е навистина безбедна?

Одговорот според експертите е двоен.

Од една страна, засилените контроли покажуваат дека системот функционира и дека небезбедната храна се запленува пред да стигне до потрошувачите. Од друга страна, обемот на неправилности – нерегистрирани оператори, недоволна хигиена, истечени рокови, нелегален увоз – покажува дека ризикот е реален и дека потребна е многу поголема одговорност од трговците и угостителите.

АХВ најавува дека засилените надзори ќе продолжат и во наредниот период, а граѓаните се охрабруваат да пријавуваат сомнителни производи и храна со нејасно потекло.

Едно е јасно квалитетот на храната што завршува на нашите трпези зависи не само од инспекциите, туку и од свеста, контролата и совесноста на секој оператор кој ја произведува, преработува или продава.