Skip to main content
Македонија

Костадинов: Намалувањето на платите на пожарникарите е срам за Струмица!

23/11/2025  13:27

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, остро реагира на одлуката на општината да ги намали платите на пожарникарите–спасители, оценувајќи ја како неправедна и штетна за оние кои секојдневно ризикуваат за да спасат животи.

„Изненаден сум од одлуката на општината да ги намали платите на луѓето кои не само што си ја вршат работата, туку се едни од ретките ТППЕ со специјализирани тимови за спасување при земјотреси, сообраќајни несреќи, потраги по удавени лица и низа други интервенции низ целиот регион и Европа,“ пишува Костадинов.

Тој потсетува дека пожарникарите често интервенираат и во соседните општини без никаква финансиска надокнада, а нивната висока плата, како што вели, не е трошок, туку вложување кое може да донесе економски придобивки – вклучително и зголемување на данокот на имот и стабилизација на општинскиот буџет.

Костадинов укажува дека постојат механизми за обезбедување на средствата за нивните плати, а дополнително, Министерството за одбрана најави речиси една милијарда денари поддршка за пожарникарите на национално ниво.

„Од страна ми личи дека одредени индивидуи од секторот за финансии вршеле притисок за да се донесе ваквата одлука,“ додава тој, потенцирајќи дека хероите од ТППЕ Струмица не заслужуваат ваков третман.

Костадинов повторува дека неговиот став останува непроменет – пожарникарите–спасители мора да имаат високи плати и достоинствен статус. Потсетува дека во неговиот мандат биле ослободени од плаќање паркинг и добиле бесплатен превоз со ЈСП Струмица како знак на признание и благодарност за нивната работа.

„Тие се хероите на Струмица и како такви треба да ги чуваме во ‘стаклено ѕвоно’“, порача поранешниот градоначалник.

Некаде во септември месец оваа година  додека беше градоначалник Костадинов ја направи платата од 80.000 денари за пожарникари во Струмица. Како што ветив Струмица има највисоко платени пожарникари-спасители во државата рече тогаш Костадинов.

Линк до фејсбук статусот