
Агенцијата за храна и ветеринарство денеска упати апел до населението во регионите каде има поплавување да води сметка за безбедноста на храната, водата за пиење и за здравствената состојба и благосостојбата на животните.
АХВ укажува преку медиумите да се следат информациите за временската прогноза, состојбата со водотеците во земјава, состојбата со водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење.
– Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред се по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води, с евели во соопштението.
Агенцијата препорачува во домаќинствата кои се поплавени, храната која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, да се фрли. Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот кое обично се користи свежо, дополнително да се измие, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи.
Доколку во домаќинствата кои се поплавени има мали деца, се препорачува тие да се хранат со индустриски подготвена храна.
– Без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени и во случај на поплавување да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните. Основна обврска е тие на животните да им обезбедат соодветна храна, вода и засолниште на безбедна локација. Доколку во краток рок е потребно да се напушти местото на живеење, а не е можно да се понесат животните со себе, животните треба да се префрлат на безбедно место. Ако се во штала и се држат врзани, животните треба да се одврзат и доколку постои можност, да се дислоцираат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал, информира АХв и укажува дека на безбедно, суво место, треба да се префрли и храната за животните, а потребно е за нив да се обезбеди и свежа вода. Одгледувачите на добиток треба да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање на ветеринарно медицинска грижа за животните.
