Skip to main content
Македонија

Корупциски скандал во Албанија, фирми поврзани со Балуку имаат активности и во Македонија

21/11/2025  16:18

Специјалната антикорупциска структура (СПАК) во Тирана една од најмоќните институции за борба против корупцијата во Албанија ја суспендираше од функцијата албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура Белинда Балуку. На Балуку ѝ е забрането да ја напушта земјата, откако истрагата откри сериозни незаконитости и местење тендери во два големи инфраструктурни проекти.

Како што пишува Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), обвиненијата на СПАК се однесуваат на два тендера во кои учествувале и албанските компании „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“ фирми кои изминатите две години се појавуваа и во афери поврзани со државни тендери и проекти во Македонија.

СПАК доцна синоќа објави детали од случајот. Од обвинителството велат дека Балуку, во соработка со членовите на тендерските комисии, однапред ги договарала добитниците на постапките.

„Обвинетата Белинда Балуку, во соработка со членовите на Комисијата за евалуација на понуди, однапред го утврдила добитникот на постапката за јавна набавка за тунелот Логара, создавајќи неправични предности и привилегии“, се наведува во соопштението на СПАК.

Сличен модел, според обвинителството, бил откриен и во тендерот за изградба на надворешната сообраќајна обиколница број 4 околу Тирана.

ИРЛ денеска провери кои компании ги добиле тендерите, при што во регистарот ИРЛ ги откри имињата на „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“. „ПЕ-ВЛА-КУ“ работела на обиколницата, а „Ѓока Констракшн“ во 2021 година ја добила работата за пробивање на тунелот Логара. Иако тендерот бил поништен, фирмата подоцна станала подизведувач и продолжила да ја изведува работата, заработувајќи милиони евра од државната каса.

ИРЛ потсетува и дека фирмите имаат свои бизниси и во Македонија. Во 2023 година, редакцијата објави дека Владимир Пјетерѓокај, еден од сопствениците на „ПЕ-ВЛА-КУ“, е партнер на Дрин Ахмети внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. „ПЕ-ВЛА-КУ“ беше меѓу компаниите што заедно со „Тхор Индустрис“ станаа сопственици на ТЦ СОРАВИА во Скопје.

Антикорупциската истрага во Албанија продолжува, а ИРЛ наведува дека останува отворено прашањето дали откритијата ќе поттикнат и проширување на истрагите во регионот.