
Македонија беше првата земја во регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст и прва што доби пред финансирање согласно европскиот План, истакна премиерот Христијан Мицкоски на самитот „Нашиот пат кон ЕУ“, кој се одржа денеска во Тирана.
„Нашата порака е дека Македонија испорачува, и сега очекуваме од нашите партнери правичен и меритократски пристап,“ рече Мицкоски во своето обраќање, нагласувајќи дека билатералните спорови не смеат да бидат критериум за напредокот на земјите во европската интеграција.
„Не гледам суштина ако билатералните проблеми се тие што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки на ЕУ. Суштината ја гледам во испораката на реформите и чекорите што ги исполнуваме. Доколку мерит системот биде единствен критериум, убеден сум дека ќе бидеме меѓу првите кои ќе стигнат до целта,“ додаде премиерот.
Во обраќањето на албанскиот премиер Еди Рама беше оценето дека регионот се наоѓа во период на најдлабоки реформи досега, со силни трансформации кои имаат за цел создавање европски модел на управување.
„Западен Балкан е избран да се движи напред заедно, со Планот за раст како заедничка мапа на патот. Тоа е пат не само кон Брисел, туку и кон слободата и можностите на европскиот единствен пазар, во кој историски, географски и судбински припаѓаме,“ изјави Рама.
Еврокомесарката Марта Кос во своето обраќање порача дека земјите од регионот веќе ги чувствуваат првите придобивки од европските интеграции, меѓу кои и пониските трансакциски трошоци преку СЕПА.
„Албанија, Црна Гора и Македонија веќе имаат заштеди – само во Северна Македонија тие изнесуваат 62 милиони евра годишно. Нашата амбиција е сите да напредувате, бидејќи целиот Западен Балкан припаѓа во Европската унија како еднакви членки, со целосни права,“ истакна Кос.
На самитот свои излагања имаа и премиерите на Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, кои ја потврдија заедничката посветеност кон европскиот пат на регионот.

