Skip to main content
Живот

Денес се слави Св. Архангел Михаил – Ангелот кој одлучува кој ќе биде спасен, а кому му чукнал судниот час, што треба да правите?

21/11/2025  11:14

Православните христијани на 21-ви ноември го празнуваат празникот Свети Архангел Михаил, една од најчестите слави кај нас. Денес задолжително помолете се за здравје на најблиските и простете им на тие што ви згрешиле, за да ви се исполни најголемата желба. Именден слават сите што носат име Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.) Господ ги создал ангелите. На почетокот сите ангели биле добри, но потоа некои од нив се одметнале и почнале да прават злодела, па тие се познати и како ѓаволи.

Архангел Михаил уште е познат и како војвода на ангелите, затоа што кога Луцифер се отпаднал од Бога и со себе повлекол во пропаст еден од ангелите, тој застанал на чело на неотпаднатите ангели и прв се впуштил во борба против злото.

Затоа на фреските и иконите Архангел Михаил најчесто е претставен како борец – војвода, со меч, а според некои верувања се смета дека тој доаѓа и ги зема човечките души на кои им чукнал часот.

Друго верување е дека ако овој Архангел се појави над главата на некој што е болен, тогаш тој ќе оздрави. Постојат голем број приказни за чудотворните исцелувања на ангелот – на еден маж му се јавил на сон и му рекол дека неговата ќерка ќе оздрави ако се измие на еден извор.

За друго негово чудо се смета и спасувањето на момчето Василиј Карастирис, кое паднало и сериозно ја повредило главата. На Василиј морало да му биде направена итна операција, а лекарите предвидувале дека момчето ќе остане слепо и со парализа на ногата и раката.

Момчето раскажувало како додека го подготвувале за операција, пред себе видел светлина, а во неа храм со високи ѕидови и пред него бил Архангелот кој му рекол:

„Дојди тука, Василиј! Не плаши се, ќе оздравиш. Јас ќе ја водам раката на лекарот и операцијата ќе биде успешна“.

Момчето навистина оздравело, а најинтересно е што операцијата била направена на 21-ви ноември, денот кога се слави Архангел Михаил.

Од овие причини, Свети Архангел Михаил е една од најчестите слави како кај нашиот, така и кај другите православни народи. На денешен ден верниците одат во црква и се молат за свое, но и за здравје на своите најблиски.

На денешен ден именден слават Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Се верува дека кога светците ги делеле улогите, Архангел Михаил ги добил есенското и зимското време, односно времето на зимските тешкотии.

Често се верува дека во овој период Архангел талка по светот преоблечен во просјак и целта му е да ги нагрди неверниците и да им помогне на сите што ќе се најдат во неволја.

Во некои краишта во минатото имало обичај на денешен ден да се коле курбан и да се приредуваат гозби за гостите, а во охридско обичајот бил на тој ден да се колат свињите кои специјално биле ранети за зимата.

Според народните преданија, свети Архангел стоел со терзија (вага) и меч пред рајските порти.

Тој на кантар ги ставал добрите дела на човекот и гревовите, па во однос на тоа што ќе претежнело, душата на човекот била праќана во пеколот или во рајот.

Според старите верувања, овој ден предвидувал каква ќе биде зимата, па така какво што е времето денес, така ќе биде во текот на сезоната што следува.

На денешен ден особено е важно да се помолите за здравје за себе и за најблиските, а ако им ги простите гревовите на тие што ви згрешиле – тогаш ќе ви се исполни најголемата желба, сите блиски ќе ви бидат здрави.

Култот кон овој архангел е многу раширен и прифатен кај нашиот народ, а доказ за тоа се големиот број цркви и манастири што го носат неговото име.