
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека е идентификуван сторителот одговорен за хемиското истекување кое вечерва предизвика загриженост кај скопјани. На булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба беше забележано масивно излевање хемиска пена од средишната шахта, што претставува сериозно нарушување на законските прописи и директна закана за животната средина и јавното здравје.
Ѓорѓиевски информираше дека инспекторатот на Град Скопје уште претходно презел мерки, а веднаш по појавата на фотографиите на социјалните мрежи овластени инспектори излегле на терен и извршиле вонреден надзор. При увидот било констатирано дека загадувањето потекнува од правен субјект кој стопанисува во непосредна близина на булеварот.
„Никој не смее да го загрозува здравјето на скопјани,“ порача градоначалникот, истакнувајќи дека институциите реагирале веднаш и дека нема да има никакво толерирање на вакви прекршоци.
Инспекторите земале примероци од шахтата, од јавната површина, како и од пеноматот во сопственост на правното лице. Утре ќе се анализира елаборатот за животна средина што субјектот е должен да го поседува, со цел да се утврдат причините за истекувањето и можните неправилности во неговото работење.
Градоначалникот најави дека врз основа на собраните докази ќе бидат изречени најстроги санкциски мерки против одговорниот субјект.
„Секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите,“ додаде Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека Град Скопје нема да дозволи никакво отстапување кога е во прашање заштитата на јавниот интерес.
