
На свечена церемонија во „СЦ „Јане Сандански“ денес Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 ноември“ за 2025 година.
За најдобар тренер во 2025 година наградата 13 Ноември му се доделува на Кире Лазаров – Тренер на РК Алкалоид, освојувач на титулата ЕХФ Европски куп за мажи 24/25.
Од спортските екипи награден е РК Алкалоид – Победник на ЕХФ Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25.
Наградата „13 Ноември“ за најдобар спортист му припадна на Евгеј Поп Ацев. Македонскиот пливач на 25 август оваа година го преплива Ла Манш, во должина од 33 километри, за 9.43 минути и со тоа стана петтиот Македонец кој го препливал каналот.
За придонес и развој на училишниот спорт во Скопје е награден Александар Аргироски, професор по физичко образование, спорт и здравје во ООУ Петар Поп Арсов од Скопје. Тој со машката екипа во футсал го освои 1. место на Градско и Државно првенство, 2. место кошарка мажи на општинско првенство и 4. место девојки одбојка на општинско првенство.
Исто така за придонес и развој на училишниот спорт во Скопје е наградена и Ана Јакимовска Стричевиќ – професорка во Средното училиште М.М. Брицо – Скопје за освоено 1. место на Регионално првенство футсал момчиња и девојчиња, 2. место Државно првенство во футсал за момчиња, 3. место за девојки, 1. место Регионално првенство во кошарка девојчиња и 1. место на Државно првенство во фудбал за девојки.
Наградата за Спортски новинар отиде кај Владимир Булатовиќ од порталот „Екипа“. Тој е основач и главен извршен уредник во спортскиот портал, автор и главен уредник на првата фудбалска енциклопедија на Македонија во 2025 година како и автор на монографијата 70 години Кошаркарски клуб Вардар Скопје.
Наградата за Спортски Работник ја доби Горан Мицкоски како стручен соработник во Македонската џудо федерација е еден од најзаслужните за одлично организираните натпревари оваа година: Европско првенство за кадети, Џудо на ЕМОФ, Европски јуниорски куп тренинг камп за јуниори и јуниорки 2025, Европски куп за сениори 2025.
Признание за Спортски работник во 2025 доби и Јордан Тасевски кој со својата успешна 35 годишна кариера во стрелаштвото, како натпреварувач, тренер, селектор и спортски работник а од 2019 станува и претседател на Македонската федерација во спортско стрелаштво. Тасевски на годинешниот ЕМОФ постави врвна екипа, услови и опрема со што неговиот успех беше забележан од ИССФ и е поставен во составот на претседателство на Меѓународната стрелачка федерација и награден со златен орден на честа.
Спортски работник за животно дело – Бошурка Ѓошевска. Започнувајќи како атлетичарка во седумдесеттите години и остварувајќи високи резултати, Ѓошевска продолжува како тренер во Атлетски Клуб Работнички и професорка во ДУФК М.М.Брицо. Ѓошевска целиот свој работен век го посвети на спортот, развојот на атлетиката, создавајки врвни атлетичари. Нејзиниот ентузијазам и посветеност во атлетиката е се уште активен и продолжува науморно како посветен тренер во АК Работнички Скопје.
Спортски работник за животно дело – Кирил Михаилов. Фоторепортер, организатор на автомобилистички трки, Михаилов е активно вклучен во организација на автомобилистички трки во рамките на АМСМ уште од 80-тите години на минатиот век и до ден денес е активен фоторепортер на сите автомобилистички натпревари. Остави траен белег за вистинските моменти од спортски настани како Виз Ер Скопски Маратон, натпревари во мечување, кајак, атлетика, триатлон, мотоциклизам, рели со џипови и други индивидуални спортови.

