
Општина Центар, по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје, го организира „Фестивалот на симит и погача во срцето на Скопје”, кој ќе се одржи пред муралот на Горан Стефановски во Дебар Маало, утре во 10:30 часот.
На хуманитарниот базар посетителите ќе можат да ја дегустираат познатата скопска симит погача, препознатлив симбол на локалната традиција, како и други домашни специјалитети подготвени од Активот на жени пензионерки од Центар.
Во програмата се вклучени пензионерите од Здружението на пензионери на Општина Центар, учениците од основните училишта, членови на Сојузот на борци и претставници од културата и уметноста.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги покани граѓаните да се приклучат на настанот.
„Фестивалот на симит и погача е посветен на нашето Скопје, но пред се на човечноста. Средствата собрани од хуманитарниот базар ќе бидат донирани за Здружението „Супорт Кочани”. Ги поканувам сите да дојдат, да вкусат дел од центарската традиција и домашната храна и да придонесат за една хумана цел,” порача Герасимовски.

