Skip to main content
Балкан

Грција истражува криминална шема со учество на Бугарија за увоз на половни автомобили

12/11/2025  14:33

Независната агенција за јавни приходи откри даночна измама поврзана со увоз на половни автомобили во Грција преку бугарска компанија. Грчките трговци увезувале преку бугарска фиктивна компанија со лажни документи и избегнале даноци наметнати при увоз меѓу земјите во Европската Унија.

Бугарската компанија ги купила автомобилите од Германија според вообичаениот даночен систем. Потоа ги препродала на грчки дилери со лажни фактури и ја прикрила шемата за даночење маржа во Европската Унија, пренесе „бнр.бг“.

Врз основа на лажните бугарски документи грчките трговци не го платиле увозниот данок на царина.

Според Независната агенција за јавни приходи, досега се откриени прекршоци кај 19 луксузни автомобили во вкупна вредност од 890 илјади евра. Избегнати се даноци во вредност од 212 илјади евра.

Истрагата за активностите на автомобилите увезени од Бугарија продолжува веќе неколку години. Се користат дигитално следење и вкрстена проверка, известуваат царинските службеници. Увозниците на автомобили што го прекршиле законот ќе бидат гонети и ќе ги платат износите во буџетот, известуваат инспекциските тимови.