
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека целосно стои зад сите информации што досега ги изнел во јавноста во врска со злоупотребите во градските јавни претпријатија. Изјавата доаѓа по повикот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски до сите институции и лица кои имаат сознанија за неправилности во работењето на Градот да ги пријават случаите.
„Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица се отстранети од списоците на вработени во јавните градски претпријатија кои земале плата, а не доаѓале на работа, со што го прекршиле Законот за работни односи и дисциплината во претпријатието“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека не станува збор за политички реваншизам, туку за расчистување со неправилностите кои, како што рече, го довеле Градот Скопје во хаотична состојба.
„Тоа не се лица што ќе бидат заменети со нови, бидејќи нивната улога била единствено да вршат злоупотреби и да го доведат Градот во состојбата во која се наоѓа денес“, додаде градоначалникот.
Ѓорѓиевски потврди дека веќе е остварена средба со претставници на Финансиската полиција, при што биле споделени релевантни информации за сомнежи во злоупотреби и нерегуларности во работењето на дел од јавните претпријатија.
„Во интерес на истрагата, не можам да дадам повеќе информации“, рече тој, додавајќи дека Градот целосно ќе соработува со институциите за да се утврди одговорноста за направените прекршувања.
Според изворите од Град Скопје, во тек е детална проверка на сите договори, евиденции и исплати во јавните претпријатија, со цел да се спречат идни злоупотреби и да се воспостави ред и законитост во функционирањето на градската администрација.

