Skip to main content
Македонија

Турција и Балканот: стабилност, а не закана 

03/11/2025  18:58

Колумната ја пишува: Салим Кадри Керими, историчар – кариерен дипломат во пензија, публицист

Во последните недели, во одделни земји на нашиот – Балкански регион,  јавната реторика повторно го истакна прашањето за улогата на Република Турција на Балканот. На овој план, особено зачудувачки беа изјавите на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и на одделни српски и црногорски аналитичари, кои Република Турција ја претставуваа како земја која наводно „не ја сака стабилноста на Западниот Балкан и која повторно ја сонува обновата на Османлиската империја“. Непосредна причина за наведените изјави беа неодамнешната испорака на Косово на турски дронови, односно инцидентот во Подгорица, при што турски и азербејџански државјанин  учествувале во тепачката со младо момче од Подгорица. Во меѓувреме, со одлука на Врховниот суд на Црна Гора, двајцата притворени лица се ослободени поради немање докази за нивната вмешаност во наведениот инцидент. 

Како автор кој со децении, меѓу другото, го проучува југословенско–турското историско наследство и современите билатерални односи, сметам дека таквите оцени се неосновани и злонамерни. Ова, пред сè поради фактот што вистинската улога, конкретно на Република Турција, треба да се согледува со логичен и историски контекст, а не преку емоции и политички предрасуди и стереотипи. 

Имено, со исклучок на првите неколку години по завршувањето на Втората светска војна па сè до распадот на СФР Југославија, Турција и Југославија одржуваа стабилни и прагматични односи, и покрај припадноста во различни идеолошки блокови. Република Турција како членка на НАТО и СФР Југославија како лидер на Движењето на неврзаните, секогаш ја препознаваа потребата од регионална стабилност и се стремеа кон мирна коегзистенција. Примерот на краткотрајната, но значајна Балканска алијанса („Балкански пакт“) од 1953–1954 година меѓу Турција, Грција и Југославија, сведочи за способноста на двете, односно трите држави да воспостават рамнотежа преку дипломатски механизми, без да се наруши територијалниот интегритет на која било страна. 

Контактите преку економска и културна соработка, како и дипломатските посети меѓу лидерите на двете држави, ја потврдија умерената и конструктивна природа на турската надворешна политика. Никогаш не постоеле територијални или империјални амбиции кон Југославија, ниту пак се гледаат такви амбиции денес. 


1   Историчар, кариерен дипломат во пензија, публицист. 


2/3

По распадот на Југославија, Турција ја прилагодуваше својата надворешна политика на новата геополитичка реалност. Таа ги призна новите држави и активно се вклучи во напорите за стабилизирање на регионот, особено во Босна, Косово и Македонија. Турција делуваше како посредник и поддржувач на мирот, промовирајќи хуманитарни и инфраструктурни проекти, како и економска интеграција. Денешна Турција, со 86 милиони жители, развиена економија и силна армија, претставува стратешки фактор на стабилноста на Балканот, а не закана за него. Ова, покрај другото и поради фактот дека стабилен и безбеден Балкан значи стабилна и безбедна Турција, и обратно. 

На надворешно политички план Република Турција, меѓу другото е позната како држава која промовира меѓукултурен дијалог, верска толеранција и регионална интеграција. Нејзината активност на Балканот, во Европа и пошироко во светот, преку Агенцијата ТИКА, Институтот Јунус Емре, Фондацијата Маариф, Дијанет, како и преку турските инвестиции во банкарството, енергетиката, градежништвото и други области, не може да се толкува како форма на доминација, туку како израз на „мека моќ“ во современата меѓународна политика, бидејќи, меѓу другото, сите проекти се реализирани согласно соодветните договори на наведените и други институции на Република Турција со соодветните институции на земјите од нашиот регион и пошироко. Во исто време, таа е активен член на НАТО и партнер на ЕУ во обезбедувањето на мир и безбедност во Европа. Сите овие активности укажуваат на прагматична и конструктивна политика, а не на некакви „неоосманлиски“ империјални амбиции на оваа земја. 

Особено по 2010 година, во јавниот и медиумскиот дискурс, посебно во Република Србија и дел од западните медиуми, зачестено започна да се користи терминот „неоосманизам“ како ознака за наводна амбиција на Република Турција за обновување на некогашната Османлиска империја. Меѓутоа, во академска и дипломатска смисла, тоа претставува погрешно и политизирано толкување. Ова, покрај другото, и поради фактот што турската надворешно – политичка стратегија од секогаш, вклучително и во последните триесет години главно се базирала врз концептот и идеалот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк – „Мир во татковината, мир во светот“. Како во минатото така и сега Република Турција никогаш не настапувала/ не настапува како дестабилизатор, туку како гарант на мирот и соработката на Балканот, Европа и светот во целина. И концептот што го формулираше поранешниот МНР и премиер на Република Турција, Ахмет Давутоглу во делото „Стратешка длабочина“, а на кој се повикуваат „дежурните критичари“ на Турција, не предвидува територијална или политичка доминација, туку поврзување на регионите преку економија, култура и безбедност. 

Сè погласните обвинувања дека Турција „не сака стабилност“ на Балканот или „мечтае за обновување на Османлиската империја“ се политички мотивирани и не се засновани врз факти. Напротив, Турција претставува стабилен и доверлив партнер: нејзиното влијание е пропорционално на нејзините капацитети и севкупни потенцијали, насочено 


3/3

кон соработка, мир и регионална интеграција. Затоа, за земјите на Балканот, Европа и пошироко, таа треба да се гледа како држава што ја поттикнува стабилноста, а не како непријател и дестабилизатор, со некакви „неосманлиски“ амбиции.  

Историјата и реалните показатели на Република Турција, како економски инвеститор, дипломатски посредник и безбедносен сојузник, јасно го потврдуваат овој факт. Доколку Балканот сака стабилност и просперитет, логично и рационално е Турција да се согледува како важен неодминлив партнер за иднината, а не како закана или извор на конфликти. 

Повремените деликти на разни неодговорни и криминални субјекти – државјани на Република Турција, во спрега со слични или исти нивни „партнери“ од балканските земји, потребно е да се откриваат, казнуваат и спречат по пат на поголема соработка на надлежните институции на земјите од нашиот регион со нивните турски колеги, а не преку обвинување на сè што е турско, како што деновиве тоа се случуваше по улиците на Подгорица и неколку други градови на Црна Гора, каде што се извикуваа недолични слогани и се палеа колите и имотите на турски државјани, кои легално престојуваат и работат во разни градови на оваа земја, членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ.