
Во текот на 2024 година рекорден број федерални државни службеници во Белгија отсуствувале од работа и користеле боледувања поради стрес, премореност или проблеми со менталното здравје, се наведува во извештај на службата при белгиската Влада задолжена да ги следи отсуствата на вработените.
Според извештајот, во дури 43,7 проценти од случаите на отсуство од работа, како причина биле наведени проблеми со менталното здравје. Дополнително, 80 отсто од случаите на боледувања поради проблеми со менталното здравје се должеле на стрес, премореност или депресија на вработените службеници.
Извештајот посочува и дека ваквите проблеми се одразуваат и да времетраењето на боледувањата, па така лани отсуствата од работа поради болест просечно биле за четири дена подолги во споредба со 2015 година.
Просечното времетраење на боледувањата поради стрес или премореност била 15 дена, со што тие се втора причина за отсуство од работа според должината по ракот, за кој просекот е 31 ден.
Севкупно, федералните државни службеници во Белгија лани биле отсутни од работа повеќе од 1,5 милиони работни денови.
Психологот од Слободниот универзитет во Брисел, Тим Вантилборг во изјава за весникот „Тајд“ вели дека ваквиот тренд се регистрира веќе „некое време“ и дека тоа не е случај само кај државните службеници, туку и во другите професии.
Според него, чувството на немање автономност и ограничената флексибилност при извршувањето на работните обврски, карактеристично за владините служби кои се хиерархиски поставени, можат да придонесат за проблеми со менталното здравје.
– Депресијата и премореноста имаат слични симптоми и двете состојби често коегзистираат. Нема карактеристични фактори што можат да направат јасна разлика меѓу нив, но премореноста, стресот и заморот почесто се поврзуваат со работата, додека причините за депресијата може да бидат поопшти, изјави Вантилборг.
Тој посочува одговорност за справување со ваквите состојби имаат работодавачите, кои мора да обезбедат спроведливост на поставените работни обврски, за што е потребно издвојување на дополнителни ресурси.
– Но, тоа не е лесно во време на штедење, кога сакате да остварите што е можно повеќе резултати, со што е можно помалку вработени. Тоа обично не оди во корист на вработените, смета Вантилборг.
Во врска со предлозите да се практикува јога на работните места, Вантилборг вели дека ваквите иницијативи би биле само привидни решенија.
– Можете некого да го направите поотпорен, но ако потоа тоа лице го оставите во токсична работна средина, тоа нема да реши ништо, смета Вантилборг.

