Skip to main content
Македонија

Институциите неми сведоци – Еден поединец пет месеци ги малтретира жителите на улица „Финска“ во Сингилиќ

10/10/2025  08:52

Жителите на улица „Финска“ во скопската населба Сингилиќ веќе пет месеци живеат во страв и постојани провокации од свој сосед, додека институциите остануваат неми и без конкретна реакција.

„По повеќемесечно барање реакција од повеќе институции како ‘Водовод и Канализација’, Општина Гази Баба, Полициска станица Автокоманда, па дури и директно обраќање до премиерот Христијан Мицкоски, од никого не добивме конкретен одговор“, велат жителите, кои вчера излегоа на протест барајќи конечно решение.

Тие се надеваат дека новообратениот апел до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде пресвртна точка и дека ќе се донесе забрана за физичко приближување на проблематичниот сосед кон останатите жители, со цел да се спречи можен сериозен инцидент.

„Провокациите што ги трпиме не запираат, туку ескалираат, а сведоци за тоа се и полицајците кои секојдневно постапуваат по нашите пријави. Сетете се на последниот случај во Велес и ненавременото реагирање на институциите – не дозволувајте истата грешка да се повтори“, изјави една од жителките за време на протестот.

Друг граѓанин сведочеше пред камерите дека во дворовите и куќите со месеци се чувствува непријатна миризба, бидејќи фекалиите наместо во канализација завршуваат во околните површини. Дополнително, како што тврдат жителите, соседот постојано упатува закани, што создава атмосфера на страв и напнатост, со чести ситуации „на раб на физички пресметки“.

И покрај сите јавни реакции и пријави, досега ниту една институција не презела ефективна мерка, а жителите предупредуваат дека доколку надлежните не реагираат, ќе ги радикализираат своите активности.

„Сакаме само мир и нормални услови за живот. Но, ако институциите не нè заштитат, ќе бидеме приморани повторно да излеземе на улица“, порачаа жителите на Сингилиќ.

Инаку, на денешниот протест се обидоа да стапат во контакт и со својот градоначалник Бобан Стефковски, но безуспешно.

Фото: Марио Андоновски