Skip to main content
Македонија

Каранфилова-Пановска: СДСМ и Методија Куновски имаат јасна програма за унапредување на културниот живот во Битола

08/10/2025  16:00

Заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска и кандидатот за Градоначалник на Битола, Методија Куновски, денеска остварија средба со културните работници од Интимен театар во Битола.

На средбата беше претставен дел од програмата на СДСМ за развој и унапредување на културата во градот на конзулите.

„Програмата на СДСМ за Битола, во делот на културата предвидува поддршка за локални фестивали, манифестации, уметнички здруженија и културно-уметнички друштва, обнова на поранешните домови на културата во руралните средини”, рече Куновски на средбата, додавајќи дека под покровителство на градоначалникот ќе се врати традицијата Средба на Егејците во Трново.

Тој истакна дека новата локална самоуправа во Битола редовно ќе ги одржува спомениците од НОАВМ и партизанските гробишта, а планирано е поставување спомен-обележја на истакнати битолчани, како Ајри Демировски, Коста Хаџи-Антоновски, Јанаки Манаки, Димитар Илиевски Мурато и други.

„СДСМ и Методија Куновски имаат јасна програма за унапредување на културниот живот во Битола. Со поддршка на локалните уметници, културните манифестации и заштита на богатото културно наследство, културата ќе биде двигател на развојот и гордост на градот”, истакна на средбата во Битола, заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.