
„Апелирам до сите граѓани на Струга да не седат дома, да не се плашат ниту од лавовите, ниту од орлите! Да излезат и да гласаат за Левица, затоа што Левица е македонскиот феникс што ќе ја исправи Македонија од пепелта“, повика Елизабета Пинтоска – кандидат за советник од Левица во Советот на Општина Струга за време на средбата со граѓани во Струга на која присуствуваше Претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, а притоа беше промовиран и кандидатот за градоначалник на Струга од Левица, актуелната пратеничка, Јована Мојсоска.

„Она што ние денес го работиме, тоа ќе го живеат во иднина нашите деца. Време е да ставиме крај на сето она што во изминативе 35 години го упропастија т.н. ,татковци на градот’ и коишто градот Струга од град на две води го претворија во град без вода, град без учици, град без плажи, град кој секојдневно мириса и смрди на запалена депонија; град кој врие од дивоградби; град којшто не е безбеден дури ни кога пиеме кафе“, порача Пинтоска од Левица.
Таа додаде и дека време е „да ја ослободиме заробената Струга од корупцијата и хаосот; време е да си ги вратиме нашите деца назад; време е да го вратиме сјајот на Струга!”.