Skip to main content
Македонија

Касами: Ќе изградиме нова автобуска станица, ќе набавиме пет електрични автобуси и пет електрични минибуси

06/10/2025  14:57

Градоначалникот на Тетовo и кандидат за нов мандат, Биљал Касами, најави модернизирање на јавниот автобуски превоз за градот и проширување на превозните услуги до планинските села. Тој денеска на прес-конференција во центарот на Тетово дојде користејќи ја редовната линија на градскиот автобуски превоз.

Тој образложи дека урбаниот транспорт во Тетово бил нефункционален на почеток на неговиот мандат. Рече дека успеале да ги „придвижат работите во вистинска насока“, а за во вториот мандат најави дека јавниот превоз ќе се модернизира уште повеќе, „како што доликува на универзитетски, културен и економски град како Тетово“.

-За ова имаме визија и јасен план за работа, заснован на длабински анализи вградени во програмата „Еден глас за Тетово“. Во овој мандат ќе изградиме нова модерна автобуска станица која ќе биде функционална, безбедна, интегрирана со мрежата на јавниот превоз. Ќе набавиме пет електрични автобуси и пет електрични минибуси со кои, покрај проширувањето на мрежата на градскиот превоз, ќе можеме да покриеме и превоз до планинските села. Со нив го намалуваме загадувањето и придонесуваме за поквалитетна животна средина во Тетово и за развој на туризмот во планинските села, истакна Касами.

Тој има и други замисли во однос на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина.

– Предвидуваме еколошки-зелени постојки, кои ќе бидат лоцирани на клучни точки или на најпрометни точки во градот. Во согласност со планот за мобилност, правиме и посебна линија за јавен превоз и велосипеди. Линијата ќе започне од постојката кај Универзитетот на Југоисточна Европа, преку булеварот „Илинден“ до центарот, и од центарот продолжува кон булеварот „Илирија“, до раскрсницата со булеварот „Благоја Тоска“. Ќе продолжува покрај булевар „Благоја Тоска“ се до последниот кружен тек кај Градскиот стадион. Сите овие инвестиции и модернизација на јавниот превоз ги правиме без да ги оптовариме граѓаните. Напротив, го правиме јавниот превоз целосно бесплатен за сите граѓани, соопшти Касами.

Како што рече, „со второто поглавје на развојот“ што го планираат, Тетово ќе продолжи напред и „нема да се да се врати во времето на хаосот и неодговорност“.