Skip to main content
Балкан

Во Хрватска блокирани осум тони црвени лути пиперки од Албанија, содржеле пестициди

01/10/2025  17:04

Хрватските власти блокирале повеќе тони зеленчук, увезен од Албанија, откако било утврдено присуство на три забранети земјоделски препарати, објави Топ чанел.

-Блокирани се осум тони црвени лути пиперки, произведени на подрачјето на Дивјак, кои содржеле престициди штетни по здравјето на луѓето. Блокираното количество зеленчук ќе биде уништено во Хрватска, наведува телевизијата.

Ова не е првпат, зеленчук и овошје произведени во Албанија, да бидат блокирани во Хрватска, поради присуство на забранети пестициди. На почетокот на минатиот месец Хрватска уништи четири тони домати, произведени на земјоделски површини во Берат, откако било утврдено дека биле испрскани со хлорфенапир, со петпати поголемо количество од дозволеното од овој отров против инсекти.

Претходно, Хрватска и Босна и Херцеговија уништија над 10 тони праски произведени во Дивјак, бидејќи во ова овошје е пронајдено високо присуство на тешкиот метал никел. Поради истата прчина назад од границата повеќе тони праски вратиле и словенечките власти.

Зеленчук и овошје, произведено во Албанија, редовно завршува на пазарите во соседните земји, но, нивните граѓани, главно оние од пограничните места, го набавуваат непосредно од албанските земјоделци.