Skip to main content
Македонија

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ се ќе направи за свој партиски интерес, можно е ВЛЕН да биде заменета со ДУИ по изборите

01/10/2025  14:54

На новинарско прашање дали е можно по изборите да дојде до промена во владејачката коалиција и ВЛЕН да биде заменета со ДУИ, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави:

„Мислам дека е сè можно кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање. Тие не ги земаат сериозно работите кои ги ветуваат, така е лесно да го кажуваат. Тоа го видовме и сега, и изминатата година, и сега сме сведоци дека огромен број од ветувањата и работите што ги кажале пред 4 години, таму кај што имаат сега градоначалници едноставно не се исполнети. Мислам дека за нивниот тесен партиски и личен интерес се спремни сè да направат,” изјави Филипче.

„Година и пол ВМРО-ДПМНЕ се на власт. За неколку месеци ќе поминат изборите, а оваа гужва ќе влезе веќе во втората половина од мандатот на оваа влада и тие не сработеа ништо. Ништо не направија од реформите коишто се наведени во заедничкиот документ со Европската Унија , документ што се вика Реформска агенда. А тоа е она што граѓаните го очекуваат: вистински реформирано, независно судство, надвор од политички влијанија, за конечно да се врати довербата во еден од клучните сегменти на државата ,  правосудството.”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче потенцираше дека префрлањето на одговорноста од страна на премиерот е неприфатливо.

„Одговорноста за неспроведување на реформите е ексклузивно негова  лична, и на неговиот тим. Според планот, годинава требаше да се донесат 12 закони. Не е донесен ниту еден. Не е ниту поднесен во Собранието.”, потенцираше Филипче.

Според претседателот на СДСМ, главната цел на владејачката структура не е реформа, туку контрола.

„Сѐ што сакаат е да го контролираат судството. Да назначуваат свои роднини, пријатели, сопружници на градоначалници, на нивни коалициски партнери, роднини. Се тоа тоа само за да имаат свои луѓе и да можат да влијаат на судски процеси. Ништо повеќе не сакаат од тоа. За жал, повторно гледаме партизирана држава, како во нивниот претходен мандат до 2017 година”, порача Филипче.