
МЗТ Скопје Аеродром по осми пат во клупската историја го освои трофејот во кошаркарскиот Супер куп „Драган Василев – Цевка“, откако вечерва во СРЦ „Кале“ во Скопје го совлада Кожув со 71-65.
Дуелот меѓу освојувачот на двојната круна од минатата сезона МЗТ Скопје Аеродром и ланскиот финалист во Купот, Кожув донесе квалитетен и неизвесен натпревар во кој победникот беше одлучен во самата завршница.
МЗТ Скопје Аеродром на полувремето имаше поен предност (32-31), а со тројката на Војдан Стојановски во последната секунда од третата четвртина влезе во завршниот период со водство од 55-52.
На 55 секунди до крајот, водството на МЗТ Скопје изнесуваше 63-62, кога со уште една тројка на Војдан Стојановски бранителот на трофејот дојде и до плус пет поени разлика што ги зачува до самиот крај.
Гил со 16 поени беше најефикасен во МЗТ Скопје Аеродром, потпомогнат од Војдан Стојановски со 13 и Петков со десет поени. Во редовите на Кожув најефикасен беше Пурвис со 21 поени.
За МЗТ Скопје Аеродром ова е осма титула во кошаркарскиот Супер куп, а петта во низа.