Skip to main content
Свет

Во Италија откриена илегална фабрика за фалсификувани марки цигари

27/09/2025  15:22

Италијанската царинска полиција соопшти дека откри и конфискува над 150 тони фалсификувани цигари од илегална фабрика во Касина, југоисточно од Рим. Во акцијата уапсено е едно лице.

Италијанските власти соопштија дека тоа е најголема заплена на фалсификувани цигари. Се проценува дека во илегалната фабрика со површина од 1.600 метри квадратни можело да се произведуваат седум милиони цигари дневно или околу 2,7 милијарди годишно.

Фабриката била во подземен бункер, а била опремена по најсовремените технолошки стандарди, со три производни линии и за пакување на фалсификуваните марки цигари. Тајната фабрика во која се произведувале 5.000 цигари во минута имала вентилациски систем, за спречување на испарувањето од производството.

Во бункерот имало и 18 кревети, бања, тушеви и трпезарија за работниците, како и работилница за поправка на машините.

Вредноста на објектот се проценува на повеќе од 1,7 милиони евра, годишната продажба достигнувала над 900 милиони евра, а затаениот данок изнесува приближно 600 милиони евра.