Skip to main content
Македонија, Скопје

Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

27/09/2025  14:54

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ,  остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.

„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините”, рече Филипче.

Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.

„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид”, рече Филипче.

На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.

„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници”, рече Филипче.

Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.

„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети”,рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.