Skip to main content
Магазин

Почина филмската икона Клаудија Кардинале на 87 години

24/09/2025  09:45

Иконата на италијанската и светската кинематографија, Клаудија Кардинале, почина на 87-годишна возраст. Нејзината смрт ја соопшти нејзиниот агент Лоран Саври, а веста ја потврди и италијанскиот министер за култура, Алесандро Џиули.

Кардинале беше една од трите големи филмски икони на Италија, заедно со Софија Лорен и Џина Лолобриџида. Меѓународна слава стекна во 1960-тите години со улогите во ремек-делата „8 и 1/2“ на Федерико Фелини, „Леопардот“ на Лукино Висконти и култниот „Добриот, лошиот и грдиот“ на Серџо Леоне. Во Холивуд глумеше рамо до рамо со Марчело Мастројани, Ален Делон, Џон Вејн и Жан-Пол Белмондо.

За време на својата повеќедецениска кариера, Кардинале се појави во повеќе од 100 филмови и освои бројни признанија, меѓу кои „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал и „Златна мечка“ на Берлиналето. До неодамна живееше во близина на Париз.

„Една од најголемите италијански актерки на сите времиња“, ја нарече министерот Џиули, додека неговата француска колешка Рашида Дати и оддаде почит нарекувајќи ја „муза на великаните“ која со „погледот, гласот и аурата“ засекогаш останува во историјата на филмот.

Родена во Тунис во 1938 година, Кардинале беше ќерка на сицилијански доселеници и уште од детството зборуваше француски, арапски и сицилијански. Таа живееше со италијанскиот продуцент Франко Кристалди, а подоцна голема љубов и животен сопатник и беше режисерот Пасквале Сквитиери, со кого има ќерка.

Покрај актерството, Клаудија Кардинале беше и гласен активист за правата на жените. Како амбасадор на УНЕСКО и поддржувач на движењата како „#MeToo“, таа постојано се бореше за слобода, независност и еднаквост.