Skip to main content
Скопје

Османи: Првиот ден прогласувам кризна состојба за нечистотија, дивоградби и корупција

18/09/2025  14:22

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, најави дека уште во првиот ден од неговиот мандат ќе прогласи кризна состојба во три области: нечистотија, дивоградби и корупција.

„Сите параметри што ги анализиравме во последните месеци укажуваат дека ако продолжи овој тренд без визија и без работа, на Чаир му се предвидува тотален колапс на основните животни функции. Затоа, во првиот ден прогласуваме кризна состојба за нечистотија, за недозволени градби и за корупција,” истакна Османи.

Тој објасни дека првата и највидлива акција ќе биде во областа на хигиената: „Започнуваме масовна акција за чистење на Чаир со ангажман на приватни компании, активисти, млади и средношколци, како и невладини организации. Формираме кризен штаб за хигиена кој ќе ја координира операцијата.” Османи најави и апликација преку која граѓаните со една фотографија ќе можат да пријават нечистотија, а кризниот штаб ќе реагира веднаш.

„Формираме ново комунално претпријатие со 120 униформирани хигиеничари. Првите луѓе што граѓаните ќе ги видат секое утро пред своите домови ќе бидат работниците на ова претпријатие кои ги чистат нивните улици,” додаде кандидатот.

Османи најави и проект „Улици без дупки” со цел за 60 дена да бидат закрпени сите ударни дупки. „Во моите утрински прошетки во пет часот детектирав стотици вакви проблеми кои можат брзо да се решат. Дополнително ќе ја реновираме целата вертикална и хоризонтална сигнализација за да воспоставиме ред во сообраќајот,” рече тој.

Во делот на урбанизмот, Османи порача: „Формираме кризен штаб за дивоградби, координативно тело со градежна, комунална и урбанистичка инспекција. Нема да дозволиме ниту педа да се изгради надвор од законот. Сите што уредно градат ќе ја имаат нашата поддршка, но мафијата која има фатено длабок корен со дивоградбите ќе ја искорениме.”

Најавена е и независна финансиска ревизија: „Чаир е најкорумпирана и финансиски неефикасна општина. Над 700 фиктивни договори за партиски активисти, десетици илјади евра за партиски штабови и тендери за дупки по цена од 72 илјади денари по квадрат, тоа ќе заврши од првиот ден,” рече Османи.

Тој ја заокружи својата порака со јасна визија: „Првите 60 дена нема да бидат продолжение на хаосот, туку 60 дена на ред, работа и надеж. Не ветувам чуда, ветувам работа. Чаир ќе биде место каде повторно ќе се верува дека општината постои за граѓаните.”