
Автопатот Скопје-Тетово е едно од најинтензивно следените места од новиот систем за улични камери „Безбеден град“, кој моментално е во тест фаза. Според неофицијални податоци до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, само на неколку локации каде се снима, камерите регистрирале по 100.000 сообраќајни прекршоци дневно.
Камерите ја следат брзината на возилата, погрешното престројување и поминувањето на црвено светло на семафор. Пресметано на месечно ниво, тоа се околу три милиони прекршоци, само на дел од територијата на Скопје, Тетово и автопатите Скопје-Гевгелија и Скопје-Тетово.
Министерството за внатрешни работи потврдува дека бројките се застрашувачки и дека искуствата од други земји покажуваат дека по пуштањето во функција на камерите, бројот на прекршоци значително опаѓа, бидејќи граѓаните се убедуваат дека државата сериозно казнува.
Од 1 јануари 2026 година, системот ќе започне официјално да функционира, со што ќе почне и казнувањето. Според најавите на министерот Панче Тошковски, прекршоците регистрирани од камерите ќе носат затворски казни и трајно одземање на возилата. Целта на системот не е само казнување, туку спасување човечки животи, особено на автопатите каде што се регистрирани најголем број прекршоци и сообраќајни несреќи.
Со воведувањето на камерите на автопатот Скопје-Тетово, како и на Коридор 8 и Коридор 10, се очекува драстично намалување на прекршоците и подобрување на безбедноста на патиштата низ целата земја.
Извор: SDK.mk