
Владата на Србија ја одобри Одлуката за покачување на најниската саатница од 1 јануари 2026 година на 371 динар, со што најниската месечна исплата ќе достигне 64,554 динари, односно, како што е наведено, 551 евро.
Најниската цена на работата, која ќе биде зголемена за 10,1 процент за 2026 година, се одредува по саат без данок и придонеси, за календарската година, најдоцна до 15 септември во тековната година, а се применува од 1 јануари наредната година.
Во споредба со најниската плата во 2024 година, која изнесуваше 404 евра, ова е пораст од 36 проценти.
Во изминатите денови, преговорите околу покачувањето на најниската цена на трудот ги водеа претставници на Владата на Србија и релевантните синдикати.
Предлогот на Владата беше “минималната плата” од 1 јануари 2026 година да изнесува 550 евра, синдикатите бараа 600 евра, додека работодавачите се залагаа таа да не биде повисока од 500 евра.
На последниот состанок, одржан на 9 септември, не беше постигнат договор за процентот на зголемување, па Владата ја донесе конечната одлука два дена подоцна.
Новиот минимум е за 75 евра повисок од минималната потрошувачка кошничка пресметана за мај.
На почетокот на септември, Владата на Србија ги ограничи маржите на трговските синџири за околу 3,000 производи со цел да се ублажи влијанието на зголемувањето на цените, пред сè на храната, врз буџетот на домаќинствата на српските граѓани.
Дел од експертите го оценуваат тој потег како маркетиншки трик, без значајни и долгорочни ефекти врз куповната моќ на населението.