Skip to main content
Економија

Прв млекомат за свежо манастирско млеко со средства од Европската Унија

25/08/2025  12:25

Во центарот на Кичево денеска официјално беше ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија.

Жителите на Кичево и околината имаат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.

Млекоматот е обезбеден со средства од Европската Унија преку проектот АгроСмарт, спроведуван од МРФП – Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности.

„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење“, рече Станоја Станојовски од Манастирот „Света Богородица Пречиста“, која е дел од Земјоделската задруга Крнино.

„Млекоматот е пример како треба да се одвива модернизацијата на македонските фарми и да се осовременува продажбата на локалните земјоделски производи со достапните средства од Европската Унија“, рече Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, која го спроведува проектот АгроСмарт, финансиран од ЕУ.

На настанот присуствуваше и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој рече дека модернизацијата на земјоделството е во фокусот и на политиките и програмите на Министерството.

Дел од промоцијата беше и посета на фармата со крави во близина на манастирот „Света Богородица Пречиста“, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарата за производство на млечни производи.