
Македонската кошаркарска репрезентација со победа го заврши настапот во претквалификациите за пласман на Светското првенство, откако вечерва во Скопје ја совлада Унгарија со 82:75 во завршното коло во групата Б.
Избраниците на селекторот Марјан Илиевски заслужено дојдоа до премиерниот триумф и го контролираа резултатот во најголем дел од натпреварот во кој на полувреме заминаа со предност од 45-32, а во 35 минута имаа и највисоки 17 поени разлика.
Вајли со 23 поени беше најефикасен во македонските редови, а по 14 кошеви уфрлија Митревски и Ташовски.
За македонскиот состав ова беше прв триумф во групата Б во која заврши на последното место, откако во претходните три квалификациски дуели двапати загуби од Романија, а претрпе пораз и на првиот натпревар на гостински терен од Унгарија.