
Мексиканскиот архитект со светска слава, Michel Rojkind, кој е дел од тимот на кандидатот за градоначалник Бујар Османи, вели дека Чаир е жив систем што треба да се развива со грижа, почит и вклученост.
„Чест ми е да соработувам со мојот пријател Бујар Османи во заедничкиот развој на долгорочна визија за општината. Ова нема да биде конвенционален урбанистички план туку концепт за Чаир како жив систем, вкоренет во грижата за општината, историјата и колективното живеење“, истакна Rojkind.
Тој најави дека заедно со архитектонските студија SON и UNO, ќе работи на модели што не се базираат само на инфраструктура, туку и на културната, просторната и социјалната интелигенција која веќе постои во Чаир. „Нашата работа ќе биде втемелена во ритмите на Старата чаршија, во заедницата и ќе се базира на секојдневните начини на кои луѓето живеат и го користат јавниот простор“, додаде тој.

Според него, Чаир не е само географска точка на мапата, туку симбол на коегзистенција и континуитет. Затоа визијата што ја гради со Османи се стреми да создаде средини каде различноста не само што се прифаќа, туку се поврзува, каде луѓето се чувствуваат „видени, ценети и како дома, без оглед на нивното потекло“.
Во својата изјава, Rojkind посочи и дека во основата на овој концепт ќе биде грижата едни за други и вклученоста на граѓаните во носењето одлуки. „Под водство на Бујар Османи, уверени сме дека овој проект може да стане модел за регенерирање на урбаниот живот, а воедно да се почитуваат различноста, достоинството и припадноста“, заклучи тој.
Изјавата доаѓа само еден ден по прошетката на Османи и Rojkind низ Старата скопска чаршија, каде двајцата симболично го почнаа процесот на ко-креирање на урбана визија за Чаир. Османи тогаш најави дека за првпат, општината ќе добие долгорочен и сеопфатен план за развој, кој во фокусот ќе ги стави потребите на граѓаните, безбедноста, пристапноста и јавниот простор.
„На Чаир не смее повеќе да се гледа како на симбол за хаос и нефункционалност. За мене Чаир е мојот дом, и како иден градоначалник ќе вложам секој атом енергија да го издигнеме од пепелта“, изјави тогаш Османи.