Skip to main content
Македонија

„Ни газди, ни плата“ – конфекција во Штип ги остави вработените на улица

18/08/2025  23:46

Повеќе од 50 работници од една конфекција во Штип утрово се најдоа пред заклучени врати, наместо да се вратат на работа по летниот одмор. Наместо вообичаеното враќање на работните места, нив пречекало само кратко соопштение залепено на влезната врата.

Во пораката, работниците биле упатени самостојно да се пријават во Агенцијата за вработување, без никакви информации за заостанатите примања или за идниот статус на компанијата.

Според нивните сведочења, сопствениците на фирмата – државјани на Хрватска и Германија – исчезнале без никакво известување, оставајќи ги вработените без плати и без контакт. „Газдите ни се Хрват и Германец, а ние немаме кому да се обратиме. На вратата само оставиле известување до кога ни трае договорот. Ние платата ја бараме од нив и од директорката, но нив никаде ги нема,“ велат револтирани работнички.

Незадоволството кај работниците расте, а тие најавуваат дека ќе бараат институциите да се вклучат за да им бидат заштитени правата и исплатени заостанатите плати.