Skip to main content
Свет

Лидерите на арапските и муслиманските земји го повикаа Израел да се повлече од окупираните територии

12/11/2024  09:14

Лидерите на арапските и муслиманските земји кои се состанаа на самитот во Саудиска Арабија вчера го повикаа Израел целосно да се повлече од арапските територии што ги окупираше со цел да се постигне „сеопфатен“ мир на Блискиот Исток.

„Праведен и сеопфатен мир во регионот (…) не може да се постигне без да се стави крај на израелската окупација на сите окупирани територии“ од 1967 година – кога Израел ја започна окупацијата на Западниот Брег, Источен Ерусалим и сирискиот Голан – и во во согласност со резолуциите на ОН и арапскиот мировен план од 2002 година“, се вели во завршната декларација на самитот.

Овој заеднички самит на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка, чиј домаќин е Саудиска Арабија, повикува на единство на сите палестински територии – Појасот Газа и окупираниот Западен Брег – во рамките на палестинската држава, за што тој потврдува дека главниот град мора да биде Источен Ерусалим, окупиран од Израел.

Палестинското исламистичко движење Хамас ги повика арапските и муслиманските земји да ги спроведат изјавите дадени на самитот и да го принудат Израел да престане со својата „агресија“.

„Афирмацијата на националните права на нашиот народ, од кои првото е создавање на независна палестинска држава со главен град Ерусалим, бара итни напори и практични решенија за да се принуди (Израел) да стави крај на својата агресија и геноцид врз нашиот народ“, пишува Хамас.

На заедничкиот самит на Арапската лига, пан-арапска организација која обединува 22 земји, и Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), панисламска организација која обединува повеќе од педесет муслимански земји, учесниците разговараа за „продолжението на израелската агресија на палестинската територија и на Либан“ и за регионалниот развој.

Самитот во Ријад, посветен на ситуацијата на Блискиот Исток, беше можност за неговите учесници да ги утврдат нивните очекувања од идната администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

За време на неговиот прв мандат, Трамп направи многу потези во корист на Израел, особено со преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, но придонесе и за нормализирање на односите со Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Мароко и Судан. Дотогаш, меѓу 22-те земји на Арапската лига, само Египет и Јордан одржуваа формални односи со Израел.