Skip to main content
Балкан

По потрес во Турција урнати 16 згради, починато едно лице и 29 повредени

10/08/2025  23:33

Вечерва, во 19:53 часот, земјотрес со магнитуда од 6,1 степени го погоди градот Синдирги во западната турска покраина Баликесир, соопшти Турската агенција за управување со катастрофи (AFAD). Потресот беше почувствуван во повеќе градови, меѓу кои и Истанбул и Измир.

Според првичните информации, во земјотресот загина едно лице, а 29 се повредени. Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата X изјави дека сите екипи на AFAD и надлежните институции веднаш започнале со пребарувачко-спасувачки операции. „Досега не се пријавени дополнителни несакани настани“, додаде тој.

Во Синдирги, епицентарот на потресот, се урнале околу 16 згради.

Турција се наоѓа на неколку активни раседи кои во минатото предизвикале тешки катастрофи. Во февруари 2023 година, југоистокот на земјата беше погоден од разорен земјотрес во кој загинаа 53.000 луѓе, а античкиот град Антакија (Антиохија) беше речиси целосно уништен.