Skip to main content
Македонија

Почина помошник-директорот на Царината Марјан Тасевски

08/08/2025  18:37

Со тажна објава на социјалните мрежи, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја соопшти веста за смртта на помошник-директорот на Царинската управа, Марјан Тасевски. Го опиша како исклучителен професионалец, скромен и посветен човек, кој до последен момент бил посветен на работата.

„Со голема тага се простуваме со голем професионалец, помошник директор на Царинската управа, Марјан – смирен, скромен и посветен, кој секогаш работеше со срце и знаење. Неговото ненадејно заминување е голема загуба и за институцијата и за сите нас кои го познававме“, напиша министерката.

Во својата порака, таа истакна дека Тасевски до доцна во ноќта работел на последните измени на Уредбата за спроведување на царинскиот закон, покажувајќи исклучителна професионалност и посветеност.

„Ќе го паметам како тивок човек кој имаше свој став и не отстапуваше. Како што тивко влегуваше во мојот кабинет, така тивко и не напушти“, напиша таа.

Министерката Димитриеска-Кочоска изрази искрено сочувство до семејството на Марјан Тасевски, истакнувајќи дека ја губиме личност со знаење, искуство, став и достоинство.