Skip to main content
Магазин

Ново лудило: Младите масовно користат цуцли за возрасни за справување со стресот

07/08/2025  23:10

Во еден од најнеочекуваните трендови што доаѓаат од Кина, сè повеќе млади луѓе прибегнуваат кон користење на – цуцли за возрасни. Не, не станува збор за метафора или иронија, туку за вистински, пластични цуцли специјално дизајнирани за возрасни лица. Нивната примена? Намалување на стресот, анксиозноста и менталниот замор што сè почесто ги погодува младите генерации.

На платформите за онлајн купување како Taobao и JD.com, продавачите на вакви производи бележат илјадници продадени примероци секој месец. Производите се рекламираат како алатки за “емоционално олеснување” или “средства за релаксација”, и главната целна група се млади луѓе во дваесеттите години од животот кои чувствуваат силен психолошки притисок.

„Го користам додека работам од дома – кога пишувам е-пошта, правам презентации или кога едноставно не можам да заспијам“, изјавила 24-годишна студентка од Шангај за локален медиум. „Ми делува глупаво, но ме смирува“.

Психолозите велат дека зад оваа појава стои феноменот на регресија – психолошки механизам на одбрана при кој личноста, кога е изложена на стрес или траума, се враќа кон однесувања карактеристични за порано детство. Во овој случај, користењето на цуцла го симболизира враќањето во период кога сè било едноставно, без обврски, рокови и очекувања.

„Регресијата не е секогаш негативна – може да биде обид на умот да се справи со реалноста. Проблемот настанува кога тоа станува постојано бегство од стварноста“, вели клинички психолог од Пекинг за весникот Global Times.

Иако некои гледаат на трендот со загриженост, други го прифаќаат како безопасна мода која ќе помине како и многу други интернет-феномени. Сепак, со оглед на зголемената ментална исцрпеност кај младите во Кина – притисокот од академски успех, од вработување, семејни очекувања – не е изненадување што некои наоѓаат утеха во, на прв поглед, бизарни навики.

За сега, кинеските производители го следат трендот и веќе нудат цуцли во различни бои, облици и дури со смешни натписи – очигледно, пазарот не е ни приближно заситен. А дали ќе се прошири и надвор од границите на Кина, останува да видиме.